Пратеникот, Павле Богоевски, кој вчера претседаваше со Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, напиша на својот фејсбук профил дека најверојатно нема да има двотретинско мнозинство во Собранието за да му биде одземен мандатот на Никола Груевски како осуден во предметот „Тенк“ за кривично дело примање награда и противзаконско влијание, од позиција на премиер на државата.
Сепак, додава Богоевски, ситуацијата со Груевски може да послужи како пример за идните функционери.
„Со мнозинство гласови, Комисијата за заклучи дека пратеникот никола груевски не е достоен да ја врши функцијата пратеник и дека треба да му биде одземен мандатот. Не може човек кој е осуден за дело на злоупотреба на власт, за дело против парите и интересите на граѓаните, да продолжи да врши државна функција и од затвор да зема плата од истите пари. Свесен сум дека двотретинското мнозинство кое е потребно на пленарната седница е тешко, можеби и невозможно да се постигне. Но, ова нека биде порака до сите минати, сегашни и идни функционери – Злоупотребата на власта нема да се толерира!“, напиша Богоевски.