Пратеникот од редовите на власа Павле Богоевски на својот Фејсбук профил објави фотографијата како пред Основниот суд Скопје 1 стои заедно со Богдан Илиевски-Бетмен Велит, еден од обвинетите за крвавите инциденти во парламентот на 27 април.
Како што вели Богоевски, одлучил да му подаде рака на Илиевски.
„Му реков дека ќе му подадам рака кога ќе одговара за своите постапки. Денес е тој ден. Денес, институциите се борат за правда за сите нас. Без разлика на ефектите кои 27-ми април ги имаше врз целата држава и врз секој од нас поединечно – се додека институциите си ја вршат својата работа, а тие кај кои ќе биде утврдена вина одговараат за своите постапки – јас одлучив да не држам гнев и лутина. Не повеќе“, напиша тој.
Според него, овој процес и искуство се нужни од повеќе причини.
„Прво, институциите мораат да си ја завршат својата работа за секој нареден властодржец да сфати дека во нашето општество повеќе нема место за “правото на силата”. Второ, уште омраза може да роди само уште насилство. Мора да го прекинеме кругот, бидејќи омразата и насилството немаат место во европска Македонија“, истакна пратеникот.