Во својот говор пред пратениците, Павле Богоевски, кој денеска соопшти дека си поднесува оставка од пратеничката функција, им се заблагодари на граѓаните за честа, како што рече, да им служи изминативе две години. Тој понесе одговорност за објавената снимка од телефонски разговор, каде, како што вели, нарачува масло од канабис.
Пратениците од владејачкото мнозинство го поздравија со аплауз неговиот говор. На пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, Богоевски им порача дека ако во Собранието нема место за него, тогаш нема место ниту за осудениот екс премиер Никола Груевски и ги повика да гласаат за одземање на неговиот мандат.
-Гласот за одземање на мандатот на Никола Груевски ќе биде мојот последен глас во ова Собрание. Оваа одлука ја донесов веднаш по скандалот во моментите кога се самопријавував во полиција. Без разлика на причините за набавка на масло од канабис, за мое блиско лица, на никој од вас не му ги посакувам тие причини, јас сум сторил незаконски акт. Втората работа, моја пратеничка функција за жал може да се перцепира дека ќе влијае на постапката што органите ја водат за незаконското снимање, но и против мене за набавката на канабис, постапка што сам ја иницирав. Не би сакал мојата функција да влијае на правосудните органи. Ги повикувам целосно да го истражат настанот, за мојата одговорност, но и за тие што противправно снимале – рече Богоевски.
Тој објасни дека оставката ја поднесува сега од две причини.
-Ми беше значајно да учествувам до крај во процест на реформата на разузнавачите служби. Тоа ми е интерес многу близок до мене и мојата душа. Второ оваа седница е причината зошто не соопштив веднаш, чекав цела јавност да види колку далеку ќе отидете во вашата дрскост, да види дека станува збор за хајка и за мерки, активности насочени кон заштита на вашиот премиер во бегство Никола Груевски – рече Богоевски кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
-Гласот на јавноста беше повеќе од очигледен, не може пратеник кој се борел за еднаквост и правда, без разлика на причините, да ги крши законите, не може. Ќе поставам пример кој што се надевам сите ќе го следат, каде етиката и моралот ќе бидат над желбата за функција. И како што некои пријатели и поранешни соборци напишаа на фејсбук, ќе си ја гушнам одговорноста и ќе си ги понесам последиците, моралните и етичките, а и правосудните, никогаш не сум бегал од нив – кажа пратеникот.
Тој им испрати порака и на пратениците од владејачкото мнозинство, и на пратениците од опозицијата.
-Колеги и колешки од мојата пратеничка група и коалицсики партнери, останете верни на принципите кои не обединија. Знам дека е тешко и дека политиката е валкана игра, но верувам во вас, знам дека можете. Чувајте се еден со друг, чувајте се бидејќи немаме друг кој. Не зборувам за тие што ги злоупотребуваат правилата и кои што работат за свои интереси, зборувам за чесните, знаете кои сте. На моите политички противници, ви благодарам, за овие две години ме направивте посилен и позрел човек. Но да ве прашам, дали мислите дека моето отсуство во Собранието ме прави помалку или повеќе опасен за вас? – рече Богоевски.
На медиумите и на јавноста Богоевски им порача дека сега треба да се фокусираат на мандатот на Груевски.
-Од овој момент повеќе не е прашање дали Павле Богоевски има легитимитет да ја води комисијата која ќе му го одземе мандатот на Никола Груевски. Ниту дали Павле Богоевски треба да продолжи да биде пратеник. Сега е прашање дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе покажат барем трошка од етиката и моралот со кои така дрско се расфрлаа овие две недели и дали ќе го заштитат криминалецот во бегство Никола Груевски, или ќе му го одземат мандатот. Да не се лажеме, ако во Собранието нема место за човек кој прекршил закон за да купи масло од канабис за свое блиско болно лице, сигурно нема место за пратеник кој парите од граѓаните ги користи за да плати хотел додека е во бегство од македонската правда – рече Богоевски и додаде дека неговата оставка ќе се ефектуира откако Собранието ќе гласа за мандатот на Груевски.