Богоевски и Ахмети утре треба да се соочат на суд

by fokus

Екс директорот на ДБК Слободан Богоевски утре во Основниот суд Скопје 2 треба да се соочи со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а потоа и со неговиот близок соработник Муса Џафери, кои го тужат за клевета, поради изјавата на Богоевски дадена за Њујоршкиот суд, за случајот „Маѓар телеком“.

Пред три месеци се одржаа две подготвителни рочишта, но бидејќи на Богоевски се уште му течеше рокот за одговор на тужба, истите се одложија. Според поднесената тужба, Ахмети како отштета бара 3 милиони евра, а Џафери 2,5 милиони евра.

Изјавата што ја даде Богоески пред американската Комисија за хартии од вредност, како и пред окружниот суд во Њујорк во Македонија стана актуелна откако американскиот суд ја објави на својата интернет-страница, а македонските медиуми речиси интегрално ја пренесоа.

Според сведочењето на Богоески за Њујоршкиот суд, вкупно 7,5 милиони евра биле внесени во Македонија со службен владин автомобил за поткуп на тројца политичари, експремиер Владо Бучковски, Ахмети и Џафери.

Според информациите на „Фокус“, судијката Спировска- Панева одбила да ги почитува насоките кои наводно ги добила од претседателот на Основниот суд Скопје 2, Илир Сулејмани, поради што била сменета. За ваквите шпекулации одговор побаравме од претседателот на судот, одноно го прашавме дали е вистина дека и правел притисок на судијката, а кога не го послушала ја тргнал од предметот? Од судот ни одговорија дека претседателот никому не врши притисок и дека работи согласно законите.

Обвинетиот во случајот, Богоевски, пак ни потврди дека предметот најпрвин бил во рацете на судијката Панева.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости