Да бидеш пратеним е должност и привилегија, истакна денеска пратеникот Павле Богоевски, кој претседава со Комисијата за мандатно имунитетни прашања, која донесе одлука да му предложи на Собранието да му го одземе мандатот на Никола Груевски.
Според Богоевски, Груевски е недостоен да ја врши функцијата пратеник, бидејќи, како што рече, ја изневерил довербата на граѓаните.
-Да, Груевски е недостоен да ја врши функцијата пратеник. Тој е осуден за злоупотреба на функцијата, злоупотреба на власта и злоупотреба на довербата на граѓаните. Како таков Груевски е недостоен да зема пратеничка плата – рече Богоевски.
По ова ќе следи седница на која Собранието ќе треба да го разгледува предлогот да му биде одземен мандатот на Груевски. За да биде тоа направено потребно е двотретинско мнозинство, или 80 пратеници кои би гласале „за“.
Одземање на мандатот нема никакво влијание врз правосилноста на пресудата со која Груесвки е осуден на две години затворска казна.