Богоевски: „Франкенштајн“ коалиција на Мицкоски, Села и Апасиев

Оваа коалиција не само што не е одржлива, туку е и „мртвороденче“ на политичката сцена, вели тој за Фокус.

by Фокус

Во последните две недели, ние видовме дека „франкенштајн“ коалицијата на Христијан Мицкоски, Зијадин Села и Димитар Апасиев не само што не е одржлива, туку и дека е „мртвороденче“ на политичката сцена, вели во изјава за неделникот Фокус граѓанскиот активист и поранешен пратеник Павле Богоевски.

-Веднаш по потпишувањето на иницијативата за недоверба на владата, сите тие 61 пратеник почнаа да се соочуваат со последиците на својот потпис. Така, самите нивни гласачи почнаа да прашуваат како може, наводно проевропски и про-НАТО албански политички партии, да седнат на маса со македонски националистички партии, кои своето гласачко тело го градат врз основа на радикална и антиалбанска реторика – вели Богоевски.

Според него, фактот што во моментов коалицијата предводена од СДСМ нема мнозинство во Собранието ги комплицира работите во поглед на следните значајни чекори – усвојувањето на Буџетот, мерките за справување со енергетската, епидемиолошката и економската криза.

-Вистина е дека Алтернатива најави можно приклучување со своите 4 пратеници кон владеачкото мнозинство, но тој чекор на некој начин го услови со тоа дали ќе добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ во декември. Без разлика на исходот и на настаните кои ќе следат, опозицијата нема да дозволи СДСМ „мирно“ да управува со државата – посочува Богоевски.

Доколку оставките на Зоран Заев и раководството стапат на сила, тогаш, додава тој, партијата ќе мора да организира внатрепартиски избори, а пред кандидатите за престедател ќе претстојат тешки задачи.

– Тој човек ќе мора да има капацитет да го мобилизира целото членство и да ги надмине тековните несогласувања, ќе мора да биде способен да го оддржи, дури и зголеми мнозинството во Парламентот и ќе мора да обезбеди гаранции дека реформите во државата и во СДСМ кои ги започна Заев ќе продолжат со ненамалено темпо – порачува Богоевски.

Целиот текст за прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

В.С.

Поврзани новости