Богоевски до Димовски: Паѓа во вода се што зборувате

by fokus

Пратеникот од коалицијата СДСМ, Павле Богоевски, му реплицираше на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, порачувајќи му дека сите негови аргументи паѓаат во вода. На денешната собраниска седница на која се расправа за предлогот за отворање на Уставот, Богоевски во реплика до Димовски рече дека самиот Устав му дава легитимитет на Собранието да расправа за уставни измени.

-Имаме легетимитет и те како да расправаме за предлогот. Легитимитот да се бара во изборни програми е во целост погрешно. Паѓа во вода се што вие зборите дека немаме право да расправаме. Велите дека опозицијата не беше консултирана во текот на преговорите, но не е точно, бевте консултирани во процесот, а освен тоа никогаш не ја прашавте тогашната опозиција кога вие преговаравте. Вашето незадоволство потекнува од фактот што некои други го решија прашање што вие не успеавте да го решите  – рече Богоевски и праша која е алтернативата за Македонија ако пропадне Договорот во Преспа и кога Македонија да очекува да се види во ЕУ и НАТО.

Богоевски цитираше и дел од изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ каде стои дека партијата нема да дозволи решение за името да биде прифатено без при тоа да се изјаснат граѓаните на референдум и при тоа само ако мнозинството на граѓаните се согласни.

На тоа Димовски реплицираше дека во истата изборна програма стои реченица дека пратениците нема да прифатат промена на Уставот со цел промена на уставното име. Тој додаде дека алтернативата ја гледа во стратешко партнерство со НАТО и ЕУ.

Поврзани новости