Стефан Богоев, поранешен претседател на младината на СДСМ и довчерашен градоначалник на Карпош, ќе биде предложен за четврти потпретседател на партијата, дознава Фокус.
Како што велат високи партиски извори во пресрет на вечерашната седница на Централниот одбор, ваква одлука донел новиот партиски лидер Димитар Ковачевски, откако веќе претходно е одлучено другите 3 потпретседателски места да ги заземат Фатмир Битиќи, Перо Костадинов и Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Според нашите извори, изборот паднал врз Богоев, и покрај тоа што имало дилеми дали во највисокото партиско раководство можеби ќе има премногу луѓе од Карпош, имајќи во предвид дека од оваа општина доаѓа партискиот лидер Ковачевски, новиот генерален секретар Миле Зечевиќ, како и новите членови на Извршниот одбор – Андреј Петров и Леонид Наков.
Упатените посочуваат дека при изборот на потпретседатели се земале во предвид неколку аспекти, кои налагаат потпретседателите да бидат од различни региони и да се носители на различни функции.
Во таа насока, Богоев е избран како човек од Скопје, градоначалникот на Валандово Костадинов доаѓа од југоисточниот регион, а пратеничката Костадиновска-Стојчевска доаѓа од југозападниот регион, односно од Битола.
Што се однесува до Битиќи, тој е вицепремиер за економија кој треба да претставува континуитет со претходното раководство, со оглед дека е и актуелен потпретседател, додека истовремено партијата со него ја рефлектира определбата да се гради на мултиетнички принципи.
В.С.