Владеење на правото и сузбивање на корупцијата коишто како поглавја се отвораат на почетокот на преговорите и се затвораат на крај, се тесно поврзани со работата на Царината и во таа насока се направени суштински чекори за сузбивање на организираниот криминал, истакна директорот на Царинска управа, Стефан Богоев.
„Очекувам следната година на пролет да почне и имплементација на системот на паметни камери заедно со софтвер за препознавање на регистарски таблички, како и поставувањето на боди камери што ќе помогне во борбата со корупцијата и организираниот криминал. Воедно со помош на британската Служба за даноци и царини ќе добиеме донација на дронови. Станува збор за сериозна технологија. Истите можат да патуваат до осум километри од почетната локација, имаат висока резолуција на камери, можат да емитуваат звук и да примаат звук и да бидат невидливи за потенцијалните шверцери кои ќе бидат предмет на истрага“, рече Богоев и додаде дека очекува поголеми резултати и со работата на новиот Сектор во Царинската управа за посебни истражни мерки.
Во делот на дигитализацијата Богоев истакна дека Царинската управа е во напредна фаза.
„Го унапредуваме и транзитниот систем којшто е комплетно усогласен со системите на ЕУ, што значи транзитна постапка може да се отвори во нашата држава, а да се затвори во најсеверните и најдалечните делови на ЕУ бидејќи го имаме истиот систем, што на пример во Албанија што е исто така кандидат, не е случај“, потенцира тој.