Богоески: Ќе ги вратиме украдените пари, а секое семејство ќе добие по 13.500 евра

by fokus

Носителот на листата Слободан Богоески на коалицијата за ПРОМЕНИ и ПРАВДА, заедно со дел од кандидатите за пратеници, денеска беа во посета и средби со граѓаните во Неготино и населените места околу Неготино, Тимјаник, Пепелиште.

За разлика од изборната кампања на владејачката партија, Коалицијата за ПРОМЕНИ И ПРАВДА информира дека тежиштето го има ставено на непосредни средби со граѓаните, бидејќи нејзиното мото е: „ние бараме поддршка за народни пратеници, а не бараме поддршка за поданици на партијата.“

На прес – конференцијата во Неготино, на граѓаните им се обратија кандидатите за пратеници од Неготино, проф. – Ванчо Петров и носителот на листата Слободан Богоески.

Богоески, како што се вели во соопштението до јавноста,  истакнал дека проблемите со кои се соочуваат граѓаните извираат од отуѓената и криминализирана власт.

„Повеќе од 25 години во Македонија се збогатува и јакне државата на сметка на осиромашувањето на нејзините граѓани“, рече Богоески и најави и дека после изборите најважно е да се стабилизира државата и да се направи рационална државна власт (намалување на министерствата во владата на 50%, укинување на непродуктивните агенции, управи и тела кои непотребно трошат пари, а само му го отежнуваат животот на обичниот човек).

„После изборите ќе отпочне постапка за кривична одговорност за сите носители на криминалот во Македонија, кои во изминатите 10 години украдоа и изнесоа од Македонија над 5 милијарди евра. Сите пари кои ќе бидат вратени во Македонија нема да бидат приход на буџетот, туку непосредно ќе им се враќаат на граѓаните и нивните семејства, за што ќе биде донесен посебен закон. Според пресметките секое едно семејство во просек треба да добие околу 13.500 евра, онолку колку што украла ненародната власт“, порача Богоески.

Поврзани новости