Богдановиќ: Исечените дрвjа беа стари и без корени, ќе се засадат нови

by Fokus

Во дрворедот на улицата „Орце Николов“ во Општина Центар има 171 дрво, а решение има за отстранување на 13 заболени дрвjа. Вчера беа отстранети осум, а на истото место ќе бидат засадени нови, информира денеска градоначалникот на Општината, Саша Богдановиќ.

Градоначалникот во одговор на новинарско прашање по вчерашната реакција за отстранувањето на дрвjа при реконструкцијата на улицата „Орце Николов“, посочи дека „нема да фали ниту едно дрво на местата каде што ќе бидат исечени“.

Тој посочи дека отстранетите дрвjа се стари, суви и без корени, а самите граѓани се чувствувале загрозено.

– Ние кога најавивме, најавивме дека нема да фали ниту едно дрвo на местата каде што се засадени. Ако е утврдено дека дрвото е старо и суво, секако дека ќе биде заменето. Луѓето реагираат при било каква промена и сеча , a овие дрвjа се опасни. При најмал дожд или реконструкција на улицата, може да направат проблем, додаде Богдановиќ.

Како што појасни, дрворедот ќе биде обновен. Посочи дека дел од тие дрвjа кои вчера беа исечени воопшто немале корени и само требало посилен дожд за некој да настрада. Додаде дека самите луѓе кои живеат во тие згради се чувствувале загрозено од гранките и се јавувале кај нив.

– Тој дрворед не е третиран со децении. Како што ќе оди реконструкцијата, се што е опасно дрво ќе биде заменето. Отстрануваме болно, старо и исушено дрво. Прво се реакциите од граѓаните, па ние реагираме до Град Скопје и потоа се прави проценка и се отстрануваат дрвjата, појаснува Богдановиќ.

Градоначалникот појасни дека денеска има екипа на терен, каде што се прават подготовки за засадување на нови дрвjа.

– Јас знам дека граѓаните реагираат на каква било промена во врска со сечата на дрвjа и зеленило, но да дополнам дека на улицата „Орце Николов“, имаше шупливи дрvја, а тие што изгледаат наводно здрави на фотографиите, немаат корени. Дрво без корен е ризично. додаде Богдановиќ.

Поврзани новости