Саша Богдановиќ, градоначалникот на општина Центар, побара јавно извинување од бизнисменот и поранешен министер за финансии Борис Стојменов, за неговата изјава дека општината му барала еден милион евра мито за да продолжи со градбата на парцелата на поранешната Стоковна куќа „Беко“, пренесе порталот „Либертас“.
-Доколку некој му побарал мито на господинот Стојменов и има докази за тоа, наместо медиумски, Општина Центар го охрабрува случајот да го пријави во Основното јавно обвинителство, кое е надлежно да постапува за предмети од таа проблематика. Од Борис Стојменов бараме јавно извинување за изнесените тенденциозни тврдења за општината и градоначалникот Богдановиќ, во спротивно на истиот ќе му бидат поднесени соодветни пријави, вели градоначалникот Богдановиќ во демантот.
Преписката меѓу првиот човек на општината и бизнисменот доаѓа откако општинскиот инспектор, со асистенција на полицијата, ги прекина градежните работи во строгиот центар на Скопје. Според општински власти, Стојменов градел без дозвола и не постапил по претходната забрана и упатства дадени од инспекторатот.