Богданов: Заев може да биде главна пречка во заминувањето на Мицкоски

by fokus

Ако опозициската ВМРО – ДПМНЕ претрпи пораз и не ги исполни очекувањата на локалните избори, очекувам лидерот, Христијан Мицкоски сам да си даде оставка, вели адвокатот и член на ВМРО-ДПМНЕ, Костадин Богданов кој од 2011 до 2017 година беше Владин агент пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Тој беше дел од реформаторите од ВМРО-ДПМНЕ, а сега во интервју за „Фокус“ зборува за тоа каква одлука би можел да донесе судот во Стразбур за аболицијата на Иванов, на која се повикуваат членовите на поранешното раководство на партијата.

Богданов зборува и за реформите што треба да се спроведат во судството, за капацитетот на сегашниот лидер на партијата, Христијан Мицкоски, но и за промените што треба да се случат во најголемата опозициска партија.

-Според мене, главната пречка за заминување на Мицкоски може потенцијално да биде токму, Заев. Затоа што реално него му одговара Мицкоски. Се додека е тој на чело на ВМРО – ДПМНЕ, Заев нема никаков проблем со избори, со глас, со сериозна политичка битка, вели Богданов во дел од интервјуто за „Фокус“.

Тој во интервјуто зборува и за судството односно за потребата од воведување на уставна тужба.

ФОКУС: Што очекувате од новата претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска? Дали овој суд кончено ќе стане поблизок до граѓаните во однос на заштитата на човековите права?

БОГДАНОВ: Очекувам од новата претседателка Кацарска да поведе иницијатива и не само од неа, туку и од стручната јавност, затоа што во нашиот Устав има една фалинка во која правото на фер судење, по член 6, за што се жалат сите во Стразбур, магично го нема во Уставот. Значи ако ги погледнете правата коишто ги штити нашиот Устав, тие се идентични со Конвенцијата за човекови права, член два, три, четири, пет и доаѓа до шестиот член, правото на фер судење, тој е прескокнат, па продолжуваат седум, осум итн. Оставено е на самото редовно судство да штити повреди што настануваат токму пред овие судови. И најпарадоксалното е што 90 отсто од повредите настануваат пред редовното судство кое треба да го штити тоа право на фер судење. Уште поголем парадокс или број на предмети пред Стразбур се повредите пред Врховниот суд. Голем број на повреди настануваат пред тој суд, над него нема повисока инстанца која може да даде заштита на повреда на правата и остануваат сите тие повреди пред Врховен де факто незаштитени. Нема кај да се жали човек.

ФОКУС: Како да се избегне тој концепт кој очигледно не функционира?

БОГДАНОВ: Треба да се воведе таа уставна тужба со која ќе бидат заштитени правата кои се веќе во Уставот, но мора и да се најде модус како да се заштити и правото на фер судење коешто го нема во овој момент во Уставот. И тоа е клучно. Според мене, јас со две раце би потпишал прво воведување на уставна тужба само за правото на фер судење. Еднаш треба Уставниот суд да се охрабри и да сфати дека тој е највисокиот суд во државата, или еден од двата највисоки, и мора да дојде на таа своја улога. Не може Уставен да се сведе на седници, еднаш на два месеци, никој не знае што работи, да има некое соопштение и да разгледуваат само некои иницијативи за ДУП-ови. Ним таму им се одврзани рацете, дури и по цена на измена на Уставот. За такви работи се менува Уставот, за крупни реформи судски, за кои народот ќе осети бенефит. Зошто да не се смени Уставот, правото на фер судење да се стави како дел од правата, зошто да не дигнат 80 пратеници рака.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости