Пет проценти од населението на Њујорк го напуштиле градот откако метрополата беше зафатена од пандемијата со новиот корона вирус, објави „Њујорк тајмс“. Во градот живеат околу 8.4 милиони жители. Од 1 март до 1 мај, околу 420.000 жители, претежно оние од високата класа кои живеат во елитните места на „Големото јаболко“, заминале од градот.
Весникот се повикува на анализи добиени со геолокација на паметни телефони спроведени од технолошка компанија од Њу Мексико. Се дознава дека во многу делови на Њујорк населението е се уште таму, но бројот на популацијата во кварталите како Сохо, Вест вилиџ, Морнингсајд хејтс, Апер ист сајд, Фајненшл дистрикт (каде што е Волстрит), Мидтаун, Гремерси и Бруклин хејтс се намалил за 40 проценти или повеќе.
Геолокацијата покажува дека главните дестинации на побогатите њујорчани се крајбрежните места и гратчиња на источниот брег како Лонг Ајленд, и други подалечни места на северното крајбрежја на сојузната држава. Многумина пак избегале во поблиските места како Мартас винјард, Кајп код, Роуд ајленд, североисточна Пенсилванија и северозападен Конектикат.