Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан одликувани со Орден за заслуги

by Fokus

Претседателот Стево Пендаровски, вечерва на свечена церемонија во Кабинетот на Претседателот со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ ги одликуваше Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан за извонредното, автохтоно и уникатно музичко творештво во рамките на џез-рок групата „Леб и сол“, како нејзини предводници, со којашто оставија трајни вредности во современата македонска музика и придонесоа за афирмација на македонската музичка уметност и на македонската култура во светот, како и за нивните значајни солистички постигнувања.

На церемонијата на доделување на медалите, во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан се национално наследство кое е одамна впишано во културната и социјалната ДНК на нашата држава, на македонскиот народ и на сите наши граѓани.

„Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии, затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа и сѐ уште растат и живеат генерации Македонци“, посочи претседателот Пендаровски.

„Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии, затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа и сѐ уште растат и живеат генерации Македонци. Уште од нивниот прв албум објавен во далечната 1978-та, „Леб и сол“ беа дефинирани како неприкосновени инструментални виртуози и пионери во она што критичарите го нарекоа „world music fusion„ – комбинирајќи рок, џез и традиционални македонски ритми, при тоа, создавајќи музика која далеку ги надмина границите на времето. Пред речиси половина век, „Леб и сол“ се етаблираа во национална гордост и категорија, статус кој без напор го одржуваат низ годините, сѐ до ден-денешен“ рече Претседателот.

„Прашајте кој било млад човек кога за прв пат навлегува во светот на музиката, дали знае за гитарското интро на Влатко во „Бистра вода“, фретлес бас-линиите на Бодан во истата нумера, аранжманите на Кокан во „Учи ме мајко, карај ме“ или седумосминските ритми на Гаро кога тапанот ќе грмне со подземен екот. Патувањето на „Леб и сол“ од Скопје до меѓународно призната музичка постава е доказ за моќта на нивното креативно изразување кое далеку ги надминува националните граници. Преку специфичните миксови на наследството на нашата нација со планетарните музички влијанија, „Леб и сол“ не само што го збогатија културниот идентитет на македонското општество, туку, дадоа суштински придонес и за развојот на музиката и на глобално ниво“ порача Пендаровски.

Поврзани новости