Бочварски: Во 2022 година очекуваме да продолжи изградбата на пругата кон Бугарија

by fokus

Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2022 година изнесува 11,8 милијарди денари, а од нив 10,8 милијарди или 91,9 отсто се за капитални проекти, истакна денеска министерот Благој Бочварски.

-Генерално, развојната компонента на Буџетот ни дава очекување дека следната година ќе имаме непречено финансирање на проектите заради остварување на инвестициските цели на Министерството. Проектиравме 6,2 милијарди денари за изградба на автопатот на Коридор 8 односно автопатските делници: Тетово – Гостивар – Букојчани и делница Требеништа – Струга – Ќафасан, како и автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10-Д, рече Бочварски.

Посебен фокус, нагласи министерот, се става и на железницата кон Бугарија за што во Буџетот за следната година се предвидени 2,5 милијарди денари и се очекува во првиот квартал од 2022 да се избере изведувач и да се продолжи со изградба.

„Согласно процедурите кои се во завршна фаза остануваат уште последните чекори во кои очекуваме да се изберат компании кои ќе работат на првата и втората делница на Коридорот 8 и реконструкција на една делница од Коридорот 10. Очекувањата се дека во првиот квартал од следната година ќе се избере изведувач и ќе биде воведен во работа со што после подолго време ќе се продолжи изградбата на железничката пруга кон Бугарија. Ова е инвестиција од околу 200 милиони евра, пари кои ќе бидат вбризгани во економијата и инфраструктурата“, изјави Бочварски.

Поврзани новости