Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ може да побараат суспензија на деталниот урбанистички план кој ја вклучува и парцелата спроти хотелот „Холидеј ин“ и тоа што не е донесен новиот тарифник за дефинирање на цени по метар квадратен не е пречка за оваа постапка, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на „360 степени“.
-Тарифникот треба да биде доведен во подобра форма по што ќе биде објавен во Службен весник. Но, зошто велам дека тој тарифник воопшто нема врска со суспензијата, затоа што суспензија на планови може да се тера како постапка и тоа воопшто не е спорно и е предвидено и во новиот Закон. Додека не биде донесен тарифникот, односно додека не бидат донесени подзаконските акти од новиот Закон, важат актите од претходниот Закон – вели Бочварски.
Инаку, тарифникот беше аргумент на градоначалникот Богдановиќ дека не може да бара суспензија на деталниот урбанистички план.