На претседателските избори иако победивме, очекувавме подобри резултати и поголем број гласови, па затоа и ги понудивме нашите оставки пред претседателот Зоран Заев, истакна градоначалникот на Штип Благој Бочварски, кој си поднесе оставка заедно со другите потпретседатели на СДСМ.
„Бевме подготвени и со сопствен пример да покажеме дека дека сме овде да повлечеме потег за општо добро на граѓаните и државата. Јас немам дилеми дека ќе продолжам да работам во партијата со цел реализација на програмските одредби, но и имплементација на социјалдемократските вредности во мојата секојдневна работа“, напиша Бочварски на фејсбук.
Тој посочува дека СДСМ победила на изборите во 2016 и во 2017 и во 2019 година, поради, како што рече, единството, сплотеноста, истрајноста и макотрпната работа во партијата.
„Јас и моите другари во СДСМ се ставивме на располагање на партијата и на Претседателот кога беше најтешко, кога бевме во опозиција. Да не заборавиме дека целта во 2016 година беше да се победи режимот. И таа цел е остварена, а државата никогаш повеќе нема да биде упропастена и урнисана како што тоа и го направи ВМРО-ДПМНЕ“, вели Бочварски.
Тој порачува дека како градоначалник ќе продолжи напорно да работи и дека најголемите проекти во градот допрва доаѓаат.