Гледаме лош почеток на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, политички фолклор и секојдневни скандали, рече пратеникот на СДСМ Благој Бочварски на Канал 5.
-Сведоци бевме на ветувања дека ќе го поништат Договорот од Преспа, па сега кажуваат дека тоа е реалност и не може да се промени. Сите тие политики, кои практично се потврдија дека не можат да ги променат, дека не биле искрени пред граѓаните а можеби ниту сакале да ги променат ги носи на друга карта, постојано да зборуваат за сегашната опозиција – рече Бочварски.
Во врска со најавите за дестабилизација, тој истакна дека тоа е веќе видено сценарио на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
-Додека беа на власт така работеа, преку ден владееја во државата, ги менаџираа институциите, навечер правеа гужви, тепачки со што ги подигаа меѓуетничките тензии. И за време на кампањата оваа година се повторија некои повици од плоштадите, кои ги подгреваат меѓуетничките тензии. Тоа не е добар начин за кревање на рејтингот на било која политичка партија. Доколку имало такви најави тие требало преку институциите на системот да се процесираат и веднаш да се отстранат – рече Бочварски.