„Изведбата на автопатот Кичево – Охрид е последниот пример преку кој граѓаните, сите ние, се уверуваме во катастрофите кои ни ги приреди опозициската ВМРО-ДПМНЕ која остави инфраструктурен пустош во земјава“, изјави потпретседателот на СДСМ, Благој Бочварски на денешната прес-конференција.
Бочварски изјави дека 120 милиони евра е цената која граѓаните ќе ја платат заради тоа што проектот за автопатот бил нецелосен, со речиси никакви геотехнички и геомеханички истражувања, без увид во состојбата на терен, со погрешно проектирани косини кои се нестабилни и се обрушуваат. Па така и цената на тунелот на автопатот се покачила тројно, од 29 на 89 милиони евра.
Според него огромни проблеми има од 12-от до 18-от километар, од Кичево – Пресека каде се појавиле свлечишта, обрушувања на косините, затрупување на трасата, нерешени имотно правни односи, а потребна е дислокација на енергетски објекти.
„И како да не биле доволни неспособноста и нестручноста, згора на се, челниците на ВМРО-ДПМНЕ посегнале и по провизии, за уште повеќе да ги оштетат граѓаните.За овие автопатишта, СЈО има покренато случај, со сомнение дека разликата во цените од изведувачот до подизведувачите изнесува најмалку 155 милиони евра“, додава Бочварски.