„Граѓаните во наредниот период ќе се уверат во реализацијата“ е пораката на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју за МИА, во однос на изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10д со Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Убеден сум дека ќе покажеме дека со овој модел ќе имаме подобар начин, реализација и прогрес на изградбата на автопатските делници, вели Бочварски.
Информираше за првиот трансфер на средства кон Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за овој проект, истакнувајќи дека се врши согласно Програмата за финансирање на изградбата на коридорите за 2023 година усвоена од Владата.
Министерот Бочварски, притоа ги отфрла тврдењата во јавноста дека ќе се исплаќаат пенали кон „Бехтел и Енка“ поради недонесените законски измени, што се заглавени во Собранието.
„Коридорите 8 и 10 се од стратешко значење за државата. Коридорот 10 веќе го завршивме со доведување на ниво на автопат, а моментно работиме на неколку позиции на рехабилитација на таа делница. Што се однесува до Коридорот 8 имаме сериозни отстапувања од нивото на автопатската делница на западниот дел од државата. Како држава сме се обврзале дека двата главни паневропски коридора ќе ги доведеме на ниво на поголема безбедност, на ниво на автопатски решенија, експресни делници и оти ќе успееме практично државава, од кружен тек на Балканот да ја направиме крстосница“ вели Бочварски во интервјуто за државната агенција.
Министерот повтори дека „компанијата „Бехтел“, согласно Законот, има обврска да ангажира најмалку 51 процент домашни ресурси, што значи дека овде спаѓаат и човечки ресурси, но и механизација, подизведувачи коишто ќе работат на терен. Секоја од компаниите овде од Северна Македонија која што смета дека може да одговори на задачите, на предизвикот да влезе и да работи на овие делници од коридорите 8 и 10д, може секако да влезе во разговори со компанијата „Бехтел“ со цел да се најде на пазарот во однос на овие проекти“.
На прашање колку финансии се исплатени и како ќе се одвива целата постапка за исплатите, Бочварски вели:
„Првиот трансфер веќе го исплативме до ЈПДП, согласно Програмата што ја има донесено Владата и е објавена во Службен весник. Тоа не е тајна и не е нешто што се крие за да се создава некаква нервоза во јавноста бидејќи и тоа може да се провери. Кон ЈПДП се исплатени средства од 117 милиони евра или во износ од 7,254 милијарди денари“.
За обвинувањата на опозицијата дека ќе плаќаме пенали поради пакетот закони заглавени во Собранието, Бочварски вели:
„Пенали во договорот нема. Во законот и во Договорот и во Програмата за исплата, точно е утврдено кои се ставките кои ќе бидат исплатени, но важно е компаниите да влезат на терен да ги реализираат своите обврски што ги имаат кон државата. Доколку државата не ги смени законите, не се донесат законите во Парламентот, ние продолжуваме со работа по постојната законска регулатива. Од исклучително значење е тоа да го знаат граѓаните“.