Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, говорејќи за автопатот Кичево – Охрид, рече дека пред извесен период правеле анализи, бидејќи, како што рече, се работи за проект којшто траел предолго време и во кој се јавиле големи проблеми.
– Како одговорна влада треба да преземеме дополнителни чекори во насока на изнаоѓање на најдобрите решенија за завршување на овој автопат. Неговата изградба трае предолго. Во многу наврати сме биле и противници на моделот кој бил избран во тоа време да се започне со градба. Во целиот период не сме седеле со скрстени раце, туку сме влегле во реализација за измена на законските процедури со цел да овозможиме полесна процедура на вакви инфраструктурни проекти, за да сегашните и идните генерации и влади полесно да работата на овие проекти – рече тој на 24 вести.
Министерството за транспорт и врски, додаде тој, поднесе законски измени кои се веќе усвоени и тие ќе ги дадат резултатите.
-Во врска со овој проект, еден од чекорите е ревизија на целата проектна документација и таа се одвива во државното претпријатие за државни патишта. Има две ревизии во моментов, едната е за капиталните проекти, другата за финансиската исправност. Вториот чекор кој ќе го преземе Владата е ангажирање преку надзорниот орган на фидик експерт, којшто ќе ни ги посочи неколкуте сценарија. Тој работи на вакви меѓународни договори – рече Бочварски.