Без согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање нема да може да се стави во правна рамка објект во заштитени подрачја, истакна денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, коментирајќи ги реакциите за членот од новиот Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, што беше изгласан вчера по скратена постапка во Собранието, а со кој е дозволено и легализација на дивоградби во заштитени подрачја.
Законот, наведе, беше во собраниска процедура година и половина и вчера беше изгласан од пратенциите со вградување на повеќе амандмани предложени од нив. Тој член од Законот, како нагласи, е доста внимателно одреден.
-Во однос на ова прашање не случајно е вграден и членот во којшто се вели дека во таков тип на подрачја и зони, секако ресорното Министерство коешто е надлежно или органот на државна управа, треба да даде согласност за можно ставање во правна рамка на објект во таква зона. Така што, доста и внимателно е одреден овој член. Секако без согласност од Министерството за животна средина конкретно нема да може да се стави во правна рамка објект во заштитени подраја, зони во национални паркови итн. И секако Охридскиот регион, регионот под заштита на УНЕСКО, е исто така исклучен согласно студиите коишто се на располагање на државата од УНЕСКО, и станбените згради со А2 намена исто така се исклучени, нема да бидат во постапки за ставање во правна рамка на такви големи градежни објекти и комплекси, изјави Бочварски.
Целта со овој закон, дополни, е плаќањето на пенали којшто е одреден, не легализација или ставање во правна рамка по едно евро за квадратен метар, туку полни комуналии колку што се плаќаат во матичната општина, плус 50 проценти казнени пенали.
Секако, потенцираше, целта е да ги одвратиме луѓето да повеќе не пристапуваат кон ваквиот тип на начин на градба па потоа легализација и со тоа сакаме да направиме еден притисок да ова е еден од чекорите и една од фазите за да можеме да ја намалиме ваквата појава во општеството, со што ќе се согласиме сите ја има постои.
-Секако другиот апсект е зајакнување на инспекциските служби коишто веќе се случува со покачување на платите на градежните инпектори со вработување на инспекциски служби во сите коишто деноноќно и будно ќе следат понатаму да не ни се случуваат вакви појави. И тогаш државата, убеден сум, дека ќе биде подготвена повеќе да не оди со вакви постапки на ваков тип закони, рече Бочварски.
Според него, треба да се има предвид и тоа што, како што рече, државата има национални прашања, проблеми и потреби коишто е потребно да се стават во правна рамка. Тоа, појасни, се објекти како далноводи, водоводи, можеби училишта и градинки што биле изградени по сите законски процедури во минатото, но не биле запишани во Катастар и ги немаме на имотен лист. За тоа да се случи на веќе изграден објект потребно е да се стави во една правна рамка. За да може градоначалникот утре да реконструира едно одредено училиште, мора тоа училиште најпрвин да биде ставено, запишано во имотен лист во Катастарот на недвижности. И ова е еден од начините или единственот начин како тие прашања и проблеми се решаваат за да можеме да продолжиме и со одредени рекокснтрукции на тие објекти.
-Од тој аспект сме внимателни и очекуваме примената на овој објект и граѓаните да продолжат со поднесување барања до матичните општини во наредните шест месеци откако ќе стапи во сила овој закон, притоа строго почитувајќи го законот да се применуваат сите одредби од него, изјави Бочварски.