Бобан Илиќ, осомничен за убиството на четиригодишниот Алмир Алиу пред Здравствениот дом во Куманово, не го извршил делото со умисла, покажа прихијатриското вештачење што го изработиле вешти лица од Клиниката за психијатрија, а денеска беше презентирано пред кривичниот совет во Основниот суд Куманово, пренесе „Сакам да кажам“.
„Ние како вешти лица сметаме дека нема умисла, нема психопатолошки мотив. Обвинетиот Бобан не се наоѓал во состојба на патолошки страв, не бил во привремено душевно растројство, но во секој случај бил уплашен и во афект. Тој добил и неколку удари, добил претходно закана и притоа прави еден сплет на рационални постапки за да го избегне самиот конфликт“, рече невропсихијатрот.
Адвокатите на семејството Алиу не беа задоволни од вештачењето и сметаат дека не биле земени во обзир сите докази кои ги доставиле до Судот и сметаат дека вештите лица треба да го анализира медицинскиот дел околу пресметливоста на обвинетиот, а не да утврдуваат дали кај обвинетиот имало умисла или немало. Поради тоа ќе бараат ново вештачење.
„Психијатриското вештачење беше нецелосно, не беше изготвено врз основа на сите списи на предметот, затоа ние и приговаравме на истото. Очекуваме благовремено основниот јавен обвинител да поднесе предлог за дополнување на истото и сметаме дека во наредната главна расправа ќе имаме едно друго сеопфатно и поцелосно вештачење“, изјави адвокатот Ибрахими Бајрами.
Наредното рочиште е закажано на 13 април, кога ќе бидат сослушани уште едно вешто лице- психијатар и психолог.