Боб Дилан се огласи по контроверзата за автограмот на новата книга

by Fokus

Боб Дилан се извини за погрешната проценка, како што рече, откако се покажа дека користел таканаречен автопен, односно машина за автоматска репродукција на потписи, на ексклузивните примероци од неговата нова книга, а кои биле рекламирани како рачно потпишани.

Фановите кои платија 599 долари за едeн од 900. примероци од книгата на музичката легенда со наслов „Филозофија на модерната песна“, беа огорчени откако почнаа да споделуваат фотографии од своите примероци на форумите, па набрзо стана јасно дека секоја книга има речиси идентичен потпис, пренесува „Си-ен-ен“.

Дилан се огласи на социјалните мрежи минатиот викенд. Тој им се извини на своите фанови и објасни дека му било советувано да користи автопен бидејќи од 2019 година страда од тешка вртоглавица, што го спречило да ги потпишува книгите со рака.

„Со години го потпишував секој уметнички принт рачно и никогаш до сега немав проблем со тоа,“ напиша тој на својата Фејсбук страница. „Но, во 2019 година почнав да страдам од тешка вртоглавица што продолжи дури и во екот на пандемијата. Ми требаа најмалку пет соработници да ми помогнат да потпишувам, што беше невозможно во времето кога беснееше вирусот.“

 

Поврзани новости