Двата споменика во близина на Кавадарци на бугарските војници убиени во Првата светска војна, кои се оддалечени еден и пол километар еден од друг, се целосно недопрени, објави репортерскиот тим на Бугарската национална телевизија, по тврдењата на бугарскиот претседател Румен Радев кој зборуваше за уништени бугарски гробишта.
Екипата на БНТ излезе на самото место за да ја провери состојбата, откако ВМРО и Виктор Стојанов од Фондацијата Македонија објавија дека при изградбата на автопатот од Скопје до Штип, кој поминува покрај Кавадарци, биле уништени две воени гробишта. Досега, бугарските власти не беа во можност да утврдат што точно се случило.
БНТ емитуваше разговор со Ацо Темков, жител на Кавадарци, кој учествувал во реновирањето на еден од спомениците. Тој за БНТ изјави дека таму никогаш не видел воени гробишта.
Поранешниот директор на локалниот историски музеј, Петар Камчев, кој раководел со културната институција 37 години, исто така вели дека на местото имало само два споменика. И тој потврди за Бугарската национална телевизија дека немало гробишта. Камчев, исто така, рече дека во 2017 година, кога започна изградбата на автопатот, побарале дозвола да се помести споменикот на Пере Тошев. Се консултирале со тогашната организација на Бугарите и со нивна согласност споменикот бил поместен.