Блупринт групата за реформи во правосудството апелира Јавното обвинителство сериозно да ги испита индициите за злоупотреба на службената положба и несовесното работење во службата од страна на поранешниот претседател на Врховен суд, Јово Вангеловски, поврзано со попречување на правдата, по обелоденувањето дека биле затечени триесетина стари предмети во кабинетот на Вангеловски.
-Во услови кога нивото на доверба кај граѓаните во судството е на ниско ниво, имајќи ги предвид и разговорите од незаконски следените комуникации кои укажаа и утврдија дека кај одредена група на судии постојат сомнежи за политичка корумпираност поради тоа што истите работеле во корист на владејачката политичка елита, неопходно е воспоставување на пракса на кривична одговорност и казнивост на носители на функции за кривични дела против правосудството, велат од Блупринт групата.
Вчера беше објавено дека В.Д. претседателот на Врховниот суд, Фаик Арслани во моментот на примо-предавањето на функцијата во кабинетот на Вангеловски, затекол триесетина стари предмети кои биле со донесени одлуки, делумно потпишани од судиите, а делумно не.Голем дел од предметите се сега решени, меѓутоа исто така има предмети за кои настапила апсолутна застареност. За ваквата состојба бил известен Судскиот совет. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, вели дека ја известиле Антикорупциската комисија, но и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, за предметите кои биле најдени во фиока кај поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски.