Русија ја делат „часови“ од техничкиот банкрот поради санкциите што и ги воведе Западот, бидејќи во недела истекува грејс периодот за исплата на околу 100 милиони долари странски долг, објави Блумберг.
Американската агенција наведува дека Русија нема официјално да објави дека не е во можност да ги плати обврските, но доколку инвеститорите не ги добијат парите до 27 јуни, согласно договорените услови, „официјално ќе биде регистриран фактот за неможност за враќање на долговите“, пренесува Тасс.
Блумберг пишува дека за прв пат од 1918 година, Русија ќе се најде во ситуација да не може да ги плати своите долгови, но истакнува дека пазарот сега „се соочува со единствена ситуација кога должникот има волја и средства да ги плати своите обврски, но тоа не може да го направи“.
Тоа е затоа што САД минатиот месец не ја обновиле лиценцата за сервисирање на надворешниот долг на Русија.
Руското Министерство за финансии пред неколку дена соопшти дека и покрај одлуката на САД, ќе продолжи да ги исполнува обврските кон странските кредитори со плаќање во рубљи.
Министерот за финансии Антон Силуанов рече дека е можно да се најде начин да се прогласи технички банкрот на Русија, но посочи дека тоа нема да влијае на економијата на земјата.