Регулаторна комисија за енергетика на јавна трибина ја презентираше предложената реформа на тарифниот систем за електрична енергија со скалесто тарифирање. Цената на струјата ќе биде пониска за оние кои трошат помалку, а големите потрошувачи ќе плаќаат повисока цена. Првиот човек на Комисијата Марко Бислимовски рече дека целта е да се намали потрошувачката на електричната енергија.
„Имаме предлог да се оди со 4 блока, блокови кои што се однесуваат само на потрошувачка во висока дневна тарифа. Првиот блок е 210, вториот е 420, третиот е од 420 до 630 и четвртиот е над 630 киловат часови во скапа тарифа“, вели Бислимовски.
Новиот правилник е направен во соработка со професори и стручни лица од Електротехничкиот и Машинскиот факултет. Професорот Рубин Талески образложи како ќе се одрази скалестото пресметување на цената на потрошената електрична енергија.
„Во првите два блока дефинитивно домаќинствата ќе плаќаат, тие во првите два блока, тие домаќинства што имаат потрошувачка во висока тарифа помала од 420 киловат часови месечно ќе плаќаат помалку од 5 до 13 проценти. Се разбира овие другите во третиот блока од 420 ќе плаќаат нешто поголема сметка а во четвртиот блок би плаќале од 17 до 50-ина посто поголема сметка“, вели Талески.
Со реформата на тарифните модели ќе биде опфатена само дневната или скапата струја, додека пресметувањето на евтината тарифа ќе се применува по иста цена. Голем дел од енергетската потрошувачка во домаќинствата се за потребите за загревање.