Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во време кога државата како и целиот континент се соочува со економска и енергетска криза, наместо да понуди конструктивност, најавува нови засилени блокади, реагираат од владејачката СДСМ.
-Очигледно е дека Мицкоски дејствува по наредба на неговиот шеф во Будимпешта, Никола Груевски, како што е очигледно дека ваквото засилено деструктивно однесување доаѓа само десеттина денови по објавената Црна листа на САД каде се најде и Груевски.
Седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ закажана за вечерва е обична фарса.
Одлуката е веќе донесена, нарачана е од Груевски, а Мицкоски со своите соработници само ќе ја спроведе, соопштија од СДСМ.
Мицкоски, чија иницијатива за блокада се очекува и формално да ја одобри Извршниот комитет на партијата, се правда дека на ваквиот потег го натерало однесувањето на владата предводена од СДСМ.
„Ако мислите дека ќе завршиме тука, нема. Ова ќе биде процес во кој треба комплетно да ја принудиме оваа влада раководена од 15 пратеници на ДУИ и администрирана од Ковачевски и СДСМ да замине, затоа што мора да се согласите дека сега како никогаш во минатото не било толку лошо. Сега не е лошо туку очајно, имаме национална катастрофа, девастирана економија, урнисано здравство, многу лоша состојба во образованието“, изјави денес Мицкоски.