Блинкова-Дончевска: Скопје стана задушен град кој доживеа урбанистички колапс!

by Fokus

Урбанизацијата во Македонија е интензивна во последните неколку години а главниот акцент е ставен на главниот град Скопје, каде никнуваат згради на секој агол.

Екологот и консултант за животна средина, Мартина Блинкова Дончевска за „Фокус“ даде своја анализа околу целата состојба на која се сведоци жителите на главниот град.

„Урбанизацијата и станбената експанзија кои не се пропратени со соодветни инвестиции во услуги, недоволна комунална инфраструктура, сообраќаен хаос се само дел од предизвиците со кои се соочуваат урбаните центри. Трендот на неконтролирана и агресивна урбанизација проследена со изградбата на повеќе станбени единици, води кон еколошки дефицит и има големо влијание на животната средина, а исто така сукцесивно придонесува урбаното ткиво на градот да е непрепознатливо по својата автентичност“, вели таа.

Некогашни паркови и земјишта под вегетација се претвораат во урбани зони со згради, тротоари, запечатени со асфалт и вештачки објекти.

„Како што е наведено во студијата ‘Проверка на здравјето на Скопје’  досегашниот развој придонесе Скопје да стане задушен град и доживеа сообраќаен и урбанистички колапс. Како резултат на тоа  имаме зголеменото присуство на PM 10 честици во воздухот, урбани топлотни острови, отпад, прекин на протокот на воздух, ризик од ерозија и поплави“, додава нашата соговорничка.

Според неа, со секое идно планирање треба да се земе предвид еколошкиот капацитетот на просторот и намената на земјиштето односно урбанистичкото планирање да го обликува просторот, штити јавниот интерес и да ги насочува и контролира аспирациите на приватниот сектор, притоа оставајќи место за природата.

Фото – Дома.еду.мк

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости