Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска ги започна дводневните дипломатски разговори со високи влогови во Пекинг. Целта на посетата е да се „заладат експлозивните тензични“ односи меѓу САД и Кина, јавува новинаската агенција Асошиетет прес.
Според најавите, Блинкен треба да се сретне со кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг на проширена дискусија, по што ќе следи работна вечера. Тој ќе има дополнителни разговори со Чин, како и со највисокиот кинески дипломат Ванг Ји, а можеби и со претседателот Кси Џинпинг, во понеделник.
Ниту Блинкен ниту Чин не дадоа никакви суштински коментари за новинарите пред почетокот на состанокот.
И покрај присуството на Блинкен во кинеската престолнина, изгледите за какви било значајни промени се мали, бидејќи веќе затегнатите врски станаа сè понапорни во последниве години. Несогласувањата и обвинувањата постојано ескалираа поради неколку инциденти кои оставија последици врз глобалната безбедност и стабилност, пишува РСЕ.
Прво и основно, посетата на Блинкен е за повторно воспоставување дипломатски интеракции од секаков вид, анализираат медиумите. Минатиот месец, првиот мраз беше скршен кога високи американски претставници се сретнаа во Виена.
Сепак, Блинкен е највисокиот функционер од администрацијата на Бајден кој отпатува во Кина, а ова е прва посета на американски државен секретар на Пекинг од октомври 2018 година.
Односите на американскиот претседател Џозеф Бајден со Кина започнаа со тежок почеток, делумно поради тоа што тој не сакаше да ги повлече трговските мерки што ги воведе неговиот претходник, Доналд Трамп. Во некои области, Бајден притиска уште посилно, со ограничувања на американскиот извоз на компјутерски чипови во Кина, во обид да ја задржи супериорноста на САД во најсовремените електронски технологии.
Кина одговори со донесување сопствена забрана за компјутерски мемориски чипови што ги продава Микрон, најголемиот американски производител.
По инцидентот со балонот, имаше информации дека Кина размислува да испрати оружје во Русија, каде што веднаш ќе биде употребено во војната против Украина. Сега се очекува Блинкен да ги повтори предупредувањата до Пекинг дека ќе има сериозни последици доколку Кина и обезбеди воена и финансиска помош на Русија.