Американскиот државен секретар Антони Блинкен и неговиот руски колега Сергеј Лавров денеска разговараа по телефон, при што Блинкен повика на итно ослободување на американскиот новинар уапсен оваа недела во Русија поради сомнение за шпионажа, на што Лавров одговори дека е неприфатливо да се политизира случај.
„Блинкен ја изрази големата загриженост на САД за руското неприфатливо апсење на американскиот новинар Еван Гершкович“, рече портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател.
„Американскиот државен секретар повика на негово итно ослободување и побара истовремено да биде ослободен уште еден Американец, Пол Вилан“, рече Пател.
Рускиот министер за надворешни работи изјави за Блинкен дека е неприфатливо Вашингтон да го политизира случајот со новинарот на Волстрит журнал кој беше приведен и обвинет за шпионажа во Русија.
Руското МНР соопшти дека Лавров во телефонски разговор му рекол на Блинкен дека судбината на Гершкович ќе ја одреди судот.
Тој го повтори тврдењето на руските власти, кои јавно не презентираа никакви докази, дека новинарот бил фатен на дело минатата недела.
„Вниманието на Блинкен беше свртено кон потребата да се почитуваат одлуките на руските власти, донесени во согласност со законот и меѓународните обврски на Руската Федерација“, соопшти руското Министерство.
Беше истакнато дека е неприфатливо официјалните лица во Вашингтон и западните медиуми да креваат бура за овој случај со јасна намера да му дадат политичка боја.