Aмериканскиот државен секретар Антони Блинкен денес повика на итно ослободување на соборениот претседател на Нигер Мохамед Базум и за обновување на демократскиот поредок во земјата.
Водачите на пучот во Нигер во петокот го назначија генералот Абдурахман Тиани, познат и како Омар Тиани, за шеф на државата, објавувајќи дека го собориле Базум во седмото воено преземање во Западна и Централна Африка за помалку од три години.
Соединетите Држави истакнаа дека му нудат безрезервна поддршка на соборениот претседател. Блинкен, исто така, ги предупреди оние кои го приведоа Базум дека се загрозени „стотици милиони долари помош“.
Базум е првиот избран претседател кој ја презеде функцијата по стекнувањето независност во 1960 година. Тој се смета за клучен сојузник на западните земји во борбата против исламските милитанти во регионот. Познато е дека засега е добро и е заробен од сопствените чувари.
Блинкен му се јави на Базум по втор пат во последните денови, велејќи дека Вашингтон ќе продолжи да работи на „обезбедување целосно обновување на уставниот поредок и демократско владеење во Нигер“.
Во одвоен повик до Махамаду Исуфу, кој беше претседател на Нигер пред Базум, Блинкен рече дека „жали што оние кои го приведоа Базум се заканија на со години успешна соработка и стотици милиони долари помош“, рече портпаролот на министерството Мет Милер.