Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна на Блискиот Исток со надеж дека ќе се постигне прекин на огнот меѓу Израел и палестинската група Хамас.
Високиот американски дипломат се сретна со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси во Каиро, а во текот на денот треба да се сретне и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Израел, јавува Ројтерс.
Пред неговото патување, Израел продолжи со нападите во централниот и јужниот дел на Појасот Газа.
Високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри, ја повика американската администрација пред пристигнувањето на Блинкен да изврши притисок врз Израел да ја запре војната во Газа, „Хамас е подготвен да се справи со секоја иницијатива што обезбедува крај на војната“, изјави тој за Ројтерс.
Војната влезе во деветтиот месец откако борците предводени од Хамас убија 1.200 луѓе и зедоа околу 250 заложници во нападот во јужен Израел на 7 октомври. Како одговор, Израел започна напад врз Појасот Газа во кој досега загинаа повеќе од 37.000 Палестинци.