Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој пристигна во посета на Израел, денеска изјави дека сега е „одлучувачки момент“ во преговорите за прекин на огнот во Газа.
Тој, исто така, рече дека последниот дипломатски притисок од страна на Вашингтон за постигнување договор меѓу Израел и Хамас е веројатно најдобрата, можеби и последната шанса за заложниците да се вратат дома.
Пред состанокот со израелскиот претседател Исак Херцог во Тел Авив, Блинкен рече дека Вашингтон исто така работи на тоа да нема регионална ескалација поради загриженоста за можен ирански напад врз Израел, по убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије во Техеран во јули, пренесува Ројтерс.
Ова е десетта посета на Блинкен на регионот на Блискиот Исток од почетокот на војната во Појасот Газа, а ќе ги посети и Египет и Катар, соопшти Стејт департментот.
Претходно Блинкен ја одложи посетата на Блискиот Исток, која требаше да започне на 13 август, поради лошата безбедносна ситуација, објави американскиот портал Аксиос.
На 13 август Хамас истрела две ракети кон Тел Авив, а Израел изврши воздушни напади врз Појасот Газа, при што загинаа 19 Палестинци во централниот и јужниот дел на енклавата.