Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изрази скептицизам за предлогот на Кина за ставање крај на војната во Украина, предупредувајќи дека тоа би можело да биде „тактика на застој“ да им се помогне на руските војници на теренот.
Да потсетиме, во Кремљ во тек е средбата меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин и претседателот на Кина, Си Џинпинг.
Путин му честиташе на Си за неговиот нов мандат, додека Си рече дека е уверен дека рускиот народ ќе го поддржи Путин на претстојните претседателски избори.
Една од темите на разговор е мировниот план на Кина за Украина.
„Светот не треба да биде измамен од тактичкиот потег на Русија, со поддршка на Кина или која било друга земја, да ја замрзне војната по свои услови“, им рече Блинкен на новинарите, пренесува „Гардијан“.
Посетата на кинескиот претседател на Русија оваа недела, откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Владимир Путин сугерира дека Пекинг не мисли дека Кремљ треба да одговара за злосторствата во Украина, додаде Блинкен.
Претходно Путин изјави дека Москва ги проучувала предлозите на Пекинг за решавање на конфликтот во Украина и дека е отворена за преговарачкиот процес.
– Секогаш сме отворени за преговарачкиот процес и секако ќе разговараме за сите овие прашања, вклучувајќи ги и вашите иницијативи, кои безусловно ги почитуваме – нагласи Путин, пренесува ТАСС.
Според рускиот лидер, односите меѓу Москва и Пекинг придонесуваат за зајакнување на мултиполарниот свет.