Државниот секретар на САД Ентони Блинкен оцени дека вчерашната конечна пресуда против поранешниот командант на армијата на Република Српска, Ратко Младиќ, осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, ја носи долгоочекуваната правда пред жртвите и нивните семејства.
-Како поранешен командант на армијата на босанските Срби, Младиќ беше клучна фигура во кампањата со застрашувачка цел трајно отстранување на бошњачкото и хрватското население во Босна и Херцеговина од територијата контролирана од Србите“, рече Блинкен, наведувајќи дека злосторствата извршени во Босна и Херцеговина претставуваат „едно од најтемните поглавја во историјата по Втората светска војна, објави Стејт департментот.
Претходно американскиот претседател Џо Бајден ја оцени последната пресуда против Младиќ како историска, наведувајќи дека таа „покажува оти оние што ќе направат ужасни злосторства ќе одговараат“. Меѓународниот суд во Хаг вчера ја потврди пресудата против Младиќ, откако беше обжалена првостепената пресуда на доживотен затвор за геноцид и злосторства против човештвото над несрпското население за време на војната во БиХ.