Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ги повика сите страни на Блискиот Исток да се воздржат од натамошна ескалација на тензиите, пренесе неговиот портпарол, додека во меѓувреме растат стравувањата од ирански напад врз Израел.
Пораките на Блинкен, како што јавуваат светскиите агенции, ги пренесе портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер. Тој изјави дека дипломатијата на САД испраќа пораки со кои ги повикува земјите да му кажат на Иран дека ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток не е во нивен интерес.
Ова доаѓа по заканите на Техеран дека ќе одговори на убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије кое се случи минатата недела во напад, а за кој Иран, Хамас и либански Хезболах го обвинуваат Израел.
Милер рече дека американскиот државен секретар телефонски разговарал со катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и со египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати.
Портпаролот не потврди дали пораките на Вашингтон му биле пренесени на Иран.