Американскиот државен секретар Антони Блинкен го обвини претседателот на ентитетот на БиХ, Република Српска Милорад Додик за кршење на Уставот на Босна и Херцеговина и поткопување на Дејтонскиот договор.
Блинкен утринава на својот официјален Твитер напиша дека Додик „со потпишувањето на законот со кој се негира овластувањето на високиот претставник го прекршува Уставот на Босна и Херцеговина и го поткопува Дејтонскиот договор“.
„САД го поддржуваат ОХР на Босна и Херцеговина, како и суверенитетот, територијалниот интегритет и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина“, додаде американскиот државен секретар Блинкен.
„Милорад Додик е еден од најголемите гласници на режимот на Путин. Тој го фали Путин повеќе отколку Лукашенко. Тоа е вознемирувачки тренд. Русија се потпира на Додик да ја исфрли Босна и Херцеговина од шините што ја води кон ЕУ. Сериозно сме вознемирени од она што се случува таму“, рече специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во пресрет на неговото учество на меѓународната конференција Дубровник Форум на панелот „Западен Балкан: Нов евроатлантски моментум“.
Русија го покренала прашањето за „опасната ситуација околу Уставниот суд на Босна и Херцеговина“ во Советот за безбедност на Обединетите нации, објавија вчера руските медиуми.
Портпаролот на постојаната мисија на Русија во ОН, Фјодор Стржижовски, рече дека одлучувањето во Уставниот суд на БиХ „без учество на Србите или кој било друг државотворен народ на БиХ е пат кој води кон уништување на Дејтонскиот структура и, што е особено опасно, за потенцијален конфликт“.