Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во денешниот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повтори дека САД се против планираниот израелски напад врз пренаселениот град Рафах на југот на Појасот Газа, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Според него, Блинкен ја повторил „јасната позиција на САД за Рафа“, пренесува Ал Џезира.
Милер додаде дека Блинкен исто така го забележал „подобрувањето во испораката на помош во Газа“ и ја повторил важноста од „забрзување и одржување на тоа подобрување“.
Претходно денеска, за време на средбата со израелскиот претседател Исак Херцог, Блинкен рече дека „сега е време“ за договор со Хамас за ослободување на заложниците и прекин на огнот.
Тој изјави дека таквиот договор ќе овозможи влез на многу потребните лекови, храна и вода во Газа.
Посетата на Блинкен на Израел доаѓа еден месец откако американскиот претседател Џозеф Бајден го предупреди Нетанјаху дека политиката на Вашингтон може да се промени доколку Израел не преземе чекори за ублажување на цивилната штета, хуманитарното страдање и за обезбедување на безбедноста на хуманитарните работници.
САД и арапските партнери го повикаа Израел да стори повеќе за да го олесни протокот на помош во услови на растечка хуманитарна криза во енклавата, каде што повеќето луѓе останаа без покрив над главата и се соочуваат со недостиг на храна и вода и уништена инфраструктура.
Ова е седма посета на Блинкен на Блискиот Исток од почетокот на војната по нападот на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш, повеќе од 34.000 Палестинци се убиени, додека во нападот на Хамас на 7 октомври загинаа 1.200 луѓе.