Украинската војна покажува дека на доминацијата на Западот и се ближи крајот, додека Кина во партнерство со Русија се издигнува до статусот на суперсила, смета поранешниот британски премиер Тони Блер.
-Светот е во историска пресвртница, споредлива со крајот на Втората светска војна или со распадот на Советскиот Сојуз – рече Блер.
Овојпат, според него, Западот не е во подем.
-Се приближуваме до крајот на западната политичка и економска доминација. Светот ќе биде барем биполарен, а можеби и мултиполарен. Најголемата геополитичка промена на овој век ќе дојде од Кина, а не од Русија – рече Блер.
Според Блер, војната во Украина јасно стави до знаење дека Западот не може да се потпре на Кина.
Во 1979 година, кинеската економија беше помала од италијанската, но со отворањето за странски инвестиции и воведувањето пазарни реформи, таа стана втора по големина економија во светот, а се предвидува дека ќе ги надмине САД во рок од една деценија.
-Местото на Кина како суперсила е природно и оправдано. Тоа не е Советскиот Сојуз – рече Блер, кој беше британски премиер од 1997 до 2007 година, додавајќи дека Западот не треба да дозволи Кина воено да ја престигне.