Бледски келнери

by fokus

Турција е еклатантен пример за лицемерието на ЕУ. И внимавајте говориме за многу поголема и неспоредливо економски помоќна земја, со одлична геостратешка позиција. Нема услов што Турција не го исполни па не може ниту да го помириса прагот на ЕУ. 

пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Европската унија тешко функционира со дваесет и седум членки, а камоли со триесет и две или триесет и пет. Затоа прво мора да се реформира Унијата па да прима нови членки.

Ова, на триесет и шестата Бледска конференција го изјави претседателот  на Франција, Макрон. Франција не е некоја маргинална членка на ЕУ, туку една од водечките, па по правило оваа изјава би требало да ги загрижи бројните ЕУ фанатици кај нас.

Но, ЕУ фанатиците не само што не се загрижија туку јасните скептични пораки за проширувањето на ЕУ од Блед, не само што не ги примија онака како што се јасно упатени, туку и се обидуваа да ги спинуваат.

Маричиќ смета дека сме добиле јасни сигнали за проширување на ЕУ. СДСМ како партија катадневно ја сатанизира опозицијата игнорирајки ги јасните пораки. Но, најинвентивен беше октроираниот премиер во заминување Ковачевски.

Верувале или не во Блед му пристапувале македонски граѓани, кои погрешните политики, патем и негови, ги присилиле да си ја напуштат татковината и го молеле да ја внесе Македонија во ЕУ за да се вратат дома.

СИ ИГРААТ МАЈТАП

Јас сѐ поискрено верувам и повеќе пати сум го говорел тоа јавно, дека кога ги лупетаат глупостиве, тоа не го прават случајно. Напротив, си тераат мајтап кога во партија си се читаат и гледаат како нѐ мократ.

Македонија е заглавена на патот на ЕУ и тоа е ноторен факт. Едноставно од повеќе причини не нѐ сакаат во тоа друштво. Бугарското вето е само една од пречките ( иако можеби најголема) кој проблем е така конципиран да не може никако да се реши.

Вербалните бугарски гаранции не значат ама баш ништо кога сите ја знаме бугарската позиција- или сте Бугари или нема ЕУ. Мерси комшии, нема да може!

Владеењето на правото, или поточно речено невладеењето е онаа точка која ке ни крене рампа кај барем три влијателни членки на Унијата и тука ни Бугари, ни свети Бугари во Устав не помагаат.

Кој Австриец сака да ја види Македонија во ЕУ после горкото искуство на австриска компанија со моќни локални олигарси на власт кои ја користат моќта да ги изиграат за десетина милиони евра?

ТУРЦИЈА – ПРИМЕР ЗА ЛИВЕМЕРИЕТО НА ЕУ

Турција е еклатантен пример за лицемерието на ЕУ. И внимавајте говориме за многу поголема и неспоредливо економски помоќна земја, со одлична геостратешка позиција. Нема услов што Турција не го исполни па не може ниту да го помириса прагот на ЕУ. И не, не пропагирам никакви демек алтернативи од типот БРИКС бидејќи е тоа исто срање во различно паковање.

Секој еден кој барем малку се занимавал на тема глобализација, знае дека БРИКС е едно те исто што и ЕУ. Молам нека ми ги објасни разликите било кој Путинољубец, а таквите ги има многу во Македонија.

И секој кој се залага повеќе за ЕУ, БРИКС или друг сојуз, наместо за силна и праведна Македонија, добро не ни мисли.

Во меѓувреме, ни останува само да се надеваме дека нашиот сограѓанин во Блед кој го служел премиерот и неговата свита им плукнал во кафето. Бар така малку да им вратиме за цел секс што нѝ го приредуваат.

Поврзани новости