905
Фолк пејачот Блаже Богев доби свои музички наследници. Неговиот син Роберто и снаата Благица ги промовираа своите деби песни со кои што планираат да ја освојат фолк естрадата. Благица ја сними песната ,,Зошто душа ми вене“ додека пак Роберто со песната ,,Љубов до гроба“, настапи на фолк фестивалот ,,Филиграни 2016“, кој се одржа пред неколку недели и ја освои наградата за најдобар дебитант.
Роберто и Благица веќе настапувале заедно, а наскоро ќе запееле и во дует на фолк фестот ,,Роса“.
Блаже, кој зад себе има шест албуми со стари македонски песни е горд на своите наследници. Неретко тој изјавува дека турбофолкот ја уништува нашата фолк сцена, и дека се повеќе се прави музика која што е повеќе за гледање, отколку за слушање. Токму бранот од нови турбо фолк пејачи бил причина тој да се повлече од естрадата и да направи пауза од речиси цела деценија.
,,Во Македонија има добри музичари, но за жал тие не се доволно
ценети, нам секогаш туѓото ни е позначајно. Затоа и се даваат големи
суми за настапи на странски пејачи, додека пак нас не викаат да пееме
само на хуманитарни концерти. Исто така, оние пејачки кои изгледаат како барбики секогаш имаат повеќе понуди од оние скромните, но со добар глас. Со квалитетна песна решен сум да започнам со исправување на таа неправда која што им е нанесена на сите талентирани музичари, но и на македонската музика, затоа што сепак, идните генерации заслужуваат добра песна, а не минливи хитови“, вели
Блаже.
Во изминатиов период тој беше чест гостин во Србија и Бугарија, и добил неколку понуди за снимање на стари македонски обработки во тамошни телевизии. Сепак вели дека преферирал да снима во родната земја и заедно со ,,засилувањето“, од семејството ќе се борел против кичот на фолк естрадата.
Вики Клинчарова