Благонадежни преображени битанги!

Македонија била и порано окупирана, асимилирана, македонски јазици биле горени и сечени. Па, преживеала. Порано или подоцна, актерите, случајни или со предумисла, излегуваат со покајанија. Ним историјата ќе им суди

by fokus 15:12
15:12

Наум СТОИЛКОВСКИ

Навистина сметав дека власта во Скопје, и намерно не велам македонската власт, има колку толку акал во главата да опстои пред предизвикот за ново предавство.

Навистина сметав дека и оваа недела ќе пишувам за „реални“ проблеми, за корупцијата, за криминалот, за политиките што ни го зедоа лебот од уста, а „дигитализацијата“ ја претворија во восочна свеќа.

И навистина мислев дека ќе пишувам за политика, а не за асимилација, етноцид, културоцид, дека во 2022 година ќе се користам со описи на историски далечни и за современиот свет нецивилизирани зафати.

Но, за жал…

Ме пресече информацијата од мој многу доверлив извор дека булументата на власт, следејќи ги резултатите од анкетите и потопот што им се случува, влегуваат во зафат за буквално побугарчување на Македонија, само и само од партиски лукративни побуди!

КАКВА НЕБУЛОЗА

Имено, мислечкиот капацитет им достигнал дека со прифаќање на бугарскиот ултиматум, со прифаќање асимилаторски нецивилизирани условувања од Бугарија да бидат дел од македонските евроинтеграции, ќе успееле, не само да го сопрат слободното тонење, не само како падобран, туку и дека тоа спакувано како успех и почнати преговори, кои „самошто не започнале“ би им донело изборна победа на предвремени избори!?

Каква небулоза! Но, и какво предавство на Македонија во обид за гола власт! Замислете што тоа ги води кон предавство на националните интереси? Можност за нов мандат во фотелја! Додека државата буквално умира!

Тоа што Македонија останува без историја, јазик, посебност, херои, тоа што Македонија останува без свој мит, своја приказна, без свој корен, тоа за нив ништо не значи.

Дотолку повеќе, што ниту преговорите нема да почнат. Ниту би потраеле повеќе од неколку минути! Будалите едноставно ќе го продаделе идентитетот македонски како и датумот во авионот! За гола власт!

Нема веќе тука потреба да објаснувам за замките во документот поделен во два дела. Нема веќе тука потреба да пишувам дека секој со малку државнички капацитет ќе побараше еднакви Копенхашки критериуми; затоа што и Македонија е, побогу, еднаква и има свои права во светот и обврски кон својот народ.

ЗА ГОЛА ВЛАСТ

Нема веќе тука место за описи како овој исклучително антидржавен зафат се претвори во ново македонско стебло, како едногласната реакција и, буквално, стравот за Македонија, го обедини ова по многу нешта расцепено и поделено општество.

Не, – затоа што будалите замислиле дека ќе ја продадат приказната за нови избори! Е вакви будали „одлучуваат“ во моментов, ако веќе до излегување на колумната и не „одлучиле“.

Да, ужасно е! Ужасна е и самата помисла дека ова е вистина. А, е! Не сум јас оптимист, ниту, пак, се лажам со некакви розови очила.

Но, тоа е. Македонски е да се оди по потешкиот, најдолгиот пат.

И на тој пат научила дека ниеден вака насила наметнат договор не преживеал. Нема ниту овој, за кој сум скептик дека ќе го одбијат.

Македонија била и порано окупирана, асимилирана, македонски јазици биле горени и сечени. Па, преживеала. Порано или подоцна, актерите, случајни или со предумисла, излегуваат со покајанија. Ним историјата ќе им суди.

Но, на овие битанги, кои за гола власт се подготвени да прозборат бугарски дијалект, адресата на Владата да ја сменат во илинденско-преображенска, а себе се гледаат како „благонадежни“, ним народот ќе им пресуди.

На избори, бе, битанги уплашени!

 

 

Поврзани новости