Благоја, бербер кој „живее“ за облаците: Од мака станав бербер, пееме додека летаме!

by Fokus

Благоја Грозданоски од Крушево е 26-годишен бербер, занает кој го наследил од неговиот татко, а своето слободно време го користи за адреналин – лета со параглајдер.

Овој спорт тој го практикува речиси шест години, а љубовта кон неговата примарна професија му помогнала на некој начин да влезе во параглајдингот.

„Уште пред шест години почнав да работам, затоа што поминувавме низ тежок период. Сакав да опстојувам сам. Се погоди тогаш параглајдеристот Игор Тодевски во нашата фризерница, а татко ми ме пофали дека сум добар шофер. И така почнав да возам параглајдеристи со мојата кола до Прилеп, ги земав и ги враќав. Секаде каде што требаше одев. Една група од Австрија носеше почетничка опрема. Ме прашаа да повежбам и да пробам. Ми објаснија се како е што е. Се почнав сам од почеток“, ја започна својата приказна Грозданоски.

Кога првпат летнал со својот параглајдер, немал помош од никој и така почнала „заразата“ за овој вид на спорт.

„Првиот пат се пуштив од една височинка од Прилеп и кога слетав почувствував некоја посебна енергија. Истиот ден летнав 10 пати, ме фати голем мерак. Откако стекнав искуство таму, почнав да полетувам од Мечкин Камен од Крушево. Првиот пат беше многу интересно, затоа што времето беше нестабилно. Кога полетав, почнав да ми роси на параглајдерот – тука се роди љубовта кон овој спорт“, вели нашиот соговорник.

Неговиот учител во овој спорт, Игор Тодевски му помогнал многу на Грозданоски да го усоврши овој спорт.

Му давал совети во врска со воздухот, како се врти и како да се управува параглајдерот. Нашиот соговорник вели дека поубаво му е на небо, отколку на земја, а најчесто летаат над Крушево, кон Битола и Охрид и Галичица.

„Крушево е многу убаво затоа што може да ја прелеташ цела Пелагонија и може да се изминат 100 километри. Јас имам летано од Крушево до Охрид и слетав во Преспа. Летот траеше четири часа и 40 минути. Галичица е прекрасно место, особено кога ќе се видат двете езера. Преубав, карпест предел, масивен. На тој лет бевме над 3.000 метри надморска височина“, додава Грозданоски.

При практикување на овој спорт, постои секако страв, со оглед на ризикот кој си го носи. Сепак, Грозданоски вели дека со тек на време, овој спорт станува се повеќе безбеден.

„Има страв, тоа е многу нормално. Се случуваат турбуленции во воздухот, притисокот игра голема улога, може да ти се затвори едно крило. Но, има курсеви за тие работи и не е толку опасно“, смета тој.

Единствена опасност со која може да се соочи еден параглајдерист се временските услови. Тогаш треба голема фокусираност и смиреност при евентуално влошување.

„Кога има многу ветер не смее да се лета, затоа што ветрот може да те однесе зад планина. Тогаш се прават ротори – кога ветерот удира во планината, а зад неа ветрот прави состојба на „брзо вртење“. Многу е опасно и може да се случи некоја незгода“, анализира Грозданоски.

Нашиот соговорник има летано и во зима, чувство што според него е многу поразлично, но подеднакво опасно.

„Имам летано во зима на „минус“ 8 степени, прстите ми замрзнаа, иако имав ракавици. Во зимно време нема такво струење на воздухот за да леташ многу високо. Во лето има денови кога ќе се качиш до 2.000 метри и нагоре времето е преладно. Еднаш летнав на 3.500 метри над Крушево без ракавици, рацете ми замрзнаа. На копно беше 38 степени“, вели тој.

Според него, за да се практикува овој спорт треба параглајдеристот да биде максимално одморен и свеж, затоа што во воздух можат да се случат секакви работи.

Нашиот соговорник има освоено и прво место за почетник минатата година, кога на тој натпревар имало околу 80 натпреварувачи од сите земји во Европа.

„Прилично е скап овој спорт. Новата опрема е многу поскапа, па затоа се снаоѓаме со поволна опрема, која е сигурна и проверена од специјални лица. Тоа чини околу 2000 евра, а нова околу 5000 евра. Треба да се поседува вариометар – ја покажува висината, колку е силно струењето. Резервен параглајдер обавезно. Радио станици, кацига. Опремата се порачува преку посебни луѓе кои носат опрема од странство во нашата земја“, истакна Грозданоски.

Пред секој лет тие се јавуваат во Контрола на летање, затоа што можно е да има авиони кои пониско летаат или хеликоптери.

„Кога сум во воздух на ништо не размислувам , уживам во моментот. И проблеми ако имам, кога ќе летнам исто е како да сум ги решил проблемите. Не можам да кажам дека ме влечат друг вид на летала“, анализира тој.

Дел од параглајдеристите летаат тандем, заедно со уште едно лице кое сака да го почувствува небото. Грозданоски не е заинтересиран за таков момент.

„Имам доволно часови за да полагам да летам со тандем. Немам желба за такво нешто, како поединец ми е посигурно. Така треба да се мисли за двајца, каде ќе слеташ, како ќе слеташ. Инаку, има различни параглајдери, најбрзите се движат до 50 километри на час. До 70 километри е максималната брзина која се достигнува со помош на ветер“, ни раскажа овој параглајдерист.

Тој додава дека мора да се бара чист простор за да се слета безбедно. Во град и село е многу тешко, затоа што има жици од бандери и далноводи. Тоа е опасно и треба голема внимателност.

„Не може да се оди против природата и испланираното нема да се реализира. Треба да се предвидат некои работи, кои ги диктира ветрот. Има опасни облаци, кои те носат над 10 илјади метри. И не може никако да се избегне тој момент. Времето е најважен фактор, треба будно да се следи“, смета Грозданоски.

Пред секој лет, тие имаат некаков зацртан план на каде би летале. Соклите им „кажуваат“ каде е топлотното струење и им се од голема помош. Птиците им се вистински пријатели горе.

„После толку часа во воздух, некогаш ни е чудно да стапнеме на земја. Некогаш пееме горе на небото, правиме фотографии, се веселиме“, со насмевка вели тој.

Во Крушево долги години наназад  доаѓаат параглајдеристи од сите европски земји и нивниот впечаток од градот е одличен.

 

„Сите се многу кул луѓе. Може да се направи убав разговор со нив, позитивни луѓе се и никој не ти мисли ништо лошо. Имам еден пријател близок од Холандија, кој долги години се занимава со параглајдинг и често доаѓа во градов“, вели Грозданоски.

На посетителите најмногу им се допаѓа храната, местоположбата на градот, затоа што е безбедно, а им се допаѓа и гостопримливоста. Се спријателуваме и така ги градиме нашите врски со луѓето од светот, низ смеа додава Грозданоски.

МАКАТА МЕ НАТЕРА ДА СТАНАМ БЕРБЕР

Сосема неочекувано, Грозданоски се заинтересирал за занаетот кој неговиот татко го негува цели 55 години. Тој додава дека од овој занает може да се живее и е вистинска уметност да се биде бербер.

„Порано не помислував да бидам бербер, и може да се каже дека маката ме натера да станам. Се обидов, сфатив дека можам да го работам ова и ја засакав работата и подобар станувам и поинтересно ми е. Засега се живее од овој занает. Моите беа изненадени кога им кажав дека ќе одам да учам за бербер. Татко ми особено остана изненаден. Мораше со нешто да се занимавам, затоа што летањето е сезонска работа“, раскажува тој.

Во текот на седмицата, тој од 12 на пладне лета со параглајдерот, а потоа, од 16 часот влегува во неговата берберница и се грижи за своите муштерии.

„За да можам да се посветам на параглајдинг, морам да работам. Го сакам летањето, но морам да комбинирам. Некогаш не ни јадам. Немам време за тоа. Некои работи си бараат жртви, слабо се излегува навечер. И берберството го сакам, кога би имал можност би летал нон-стоп“, анализира Грозданоски.

Во Крушево ова лето првично ќе се одржат две првенства во параглајдинг и змејарство во август, кои се очекува да го закрепнат туризмот кој доживеа стрмоглав пад со почетокот на пандемијата на корона вирусот.

Фото – приватни фотографии

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости