Благодарение на една предобра Маја од Скопје, моите деца за прв пат видоа светлост во домот, вели кумановецот Василевски

by Fokus

Преблагодарен сум, немам зборови со кои би искажал како се чувствувам јас, но и моето семејство. За прв пат во нашиот скромен дом светат сијалиците, добивме електрична енергија по сите години минати во мрак – за ,,Фокус” раскажува кумановецот Трајко Василевски, за чиј тежок живот пишувавме минатиот месец.

Тој останал сирак на свои 11 години, кога родителите му починале, и поголемиот дел од детството и раната младост живеел со старатели. Имал здравствени проблеми со колкот и отежнато се движи, но кога ја запознал Стефани, бил решен да формира свое семејство и да му пружи добар живот. Поради здравствената состојба која од ден во ден му се влошувала, тој останал без работа, а деновите му минувале обидувајќи се на секој начин да донесе храна за трите ќерки на возраст од една, пет и десет години.

Во текстот кој го објавивме, апелираше до хуманите граѓани да му помогнат да добие приклучок за енергична енергија, кој изнесувал околу 20.000 денари. Појаснуваше дека живеат во мрак, со 8.300 денари месечно, детски додаток.

-Преблагодарен сум на редакцијата на ,,Фокус” која ја објави приказната за мене и моето семејство, за тоа како се мачиме во животот. Можам да кажам дека сега, по само еден месец, нашата верба во добрината е појака од било кога. Ни се јави една предобра жена од Скопје, се вика Маја, но не сака да се експонира јавно. Таа ни ја среди целата работа околу приклучокот на енергичната енергија, за прв пат во животот моите деца гледаат светлина во домот!
Нема да седат на свеќи, се радуваат, не сме свикнати на ваква хуманост и добрина. Маја ни ја донесе светлината, таа е нашиот херој. Имавме периоди кога дури и бевме бездомници, постојано барам работа, било што во комуналните претпријатија, би можел да метам улици, да средувам градско зеленило, сеедно што, само да не е работа која бара посебен физички напор бидејќи делумно сум инвалид.

Ова не е само зрак на светлина за нас, ова е надеж дека чуда се случуваат. До пред само еден месец некој да ми кажеше, немаше да верувам, ниту јас, ниту пак децата и сопругата. Во нашиот дом има светло! Немаме апарати за домаќинство, бела техника, ни недостасува дури и храна и облека, но имаме верба дека постојат добри луѓе помеѓу нас. Можеби, како Маја не сакаат јавноста да знае за нив, да ги види на слика, или пак тие да се сликаат со нас, но ете, колку и да се ретки, тие луѓе постојат – со солзи раскажува Трајко.

Кога за прв пат ја објавивме неговата приказна, ни кажа дека поголемите ќерки веќе знаеле се и не сакале нивни фотографии да се објавуваат по медиуми и на социјални мрежи. Тешко им било поради другарчињата, сакале да си го зачуваат достоинството.

-Најблагородно е кога ќе помогнеш, а нема за тоа да бараш да се фотографираш со луѓето на кои си им помогнал, сите да знаат, да ти аплаудираат, без да помислиш на чувствата на тие луѓе или деца. Затоа, поради скромноста и желбата никој да не знае што добрина ни стори, Маја уште повеќе расте во нашите очи – раскажа кумановецот.
Сите хумани граѓани и општествено одговорни компании кои сакаат да му помогнат на ова семејство, можат да донираат храна, облека, бела техника, мебел… Парични средства можат да се донираат на следната сметка:
Стефани Василевска 240 147107573075 Уни Банка, или пак телефонски да го контактираат Трајко на 078 646 728.

Вики Клинчарова

Поврзани новости