Популарната фолк пејачка Благица Павловска (64) замина во Австралија и објави фотографии од Мелбурн, од салонот на стилистот Сашко Захариевски, кој бил задолжен за нејзиниот изглед.
Најавен е и нејзиниот настап на Македонската музичка вечер во Сиднеј, кој ќе се одржи на 22-ри септември, каде ќе биде главна музичка ѕвезда, а покрај неа ќе настапат и Соња Динамит, Зоран Сакс, Милан Кацарски и Гоце Петрески Бананата.
Влезниците се продаваат по цена од 40 долари и имало голем интерес за настанот.
-Добредојде во Австралија на кралицата на македонската песна, ќе дојдеме да ја слушаме кралицата на македонската музика, и слични коментари оставаат нашите иселеници на страниците каде е објавена веста за музичката вечер со Павловска.
Таа имаше голема турнеја во Австралија и во 2019 година, заедно со Јордан Митев. Тогаш останаа повеќе од еден месец и настапија во сите поголеми градови.
Појаснија дека имале десет концерти кои поминале одлично, со многу публика, а Митев за „Фокус“ изјави дека турнејата ќе биде запамтена како успешно завршена работа, која им оставила подотворена врата за некој следен пат.
Благица е присутна на естрадата од 1993 година, кога го сними албумот „Не можам да те заборавам“ кој и донесе голема популарност.
До денес, редовна е на фолк фестивалите во земјава, и на почетокот на месецот настапи на Охрид Фест. Една недела пред тоа пак, пееше на Тумба Фест.
Позната е како доста отворена личност која никогаш немала проблем јавно да зборува за својата приватност. Голем активист е за заштита на животните, а во постаро интервју ни раскажа дека никогаш не зажалила што не оформила свое семејство, бидејќи е опкружена со љубовта на своите внуци и блиски роднини, но и на многуте животни за кои секојдневно се грижи.
Вики Клинчарова