Благица Павловска и Јордан Митев: Си ја оставивме подотворена вратата во Австралија!

by fokus

Популарните фолк пејачи Благица Павловска и Јордан Митев повеќе од еден месец се на турнеја во Австралија. Веќе одржале седум концерти пред нашите иселеници во поголемите градови, а ги очекувале уште три, пред да се вратат во Македонија.

За „Фокус”, Митев открива дека воопшто не е лесно кога повеќе пати се оди на турнеја во Австралија, бидејќи публиката секогаш очекува нешто ново, а музичарите треба да се потрудат секој пат да бидат интересни и професионални.

Додава дека изборот да гостуваат заедно со Благица не бил случаен, и како одлично им се вклопиле енергиите на сцената, што резултирало со преполни сали и весела атмосфера.

-По сите одржани концерти пред нашинците во Австралија, за неколку дена со Благица се враќаме назад. Изборот не беше случаен, ниту на мене, ниту на моите организатори, македонското младинско друштво „Никола Карев” од Мелбурн. Благица сепак е легенда на македонската фолк музика, со долгогодишна кариера, многу хитови, позната по својата енергичност, одговара на тоа што јас го работам и каков сум јас по природа, затоа и одлучивме да ја реализираме оваа соработка која фала му на Бога е успешна – вели Митев.

Додава дека е задоволен од организацијата и посетеноста, и се надева дека вратата во Австралија ќе им биде отворена и за наредни концерти.

-Што се однесува до мене, јас и овој пат сум презадоволен од постигнатиот резултат на концертите, салите беа полни, одличен амбиент, одлична реакција од публиката. Знаете, да се направи една, две турнеји, можеби некако ќе ви се погоди, па ќе успеете, но тоа да го правете повеќе пати и публиката да се навраќа на секое ново доаѓање, потребно е многу работа и оставање позади себе голема професионалност. Тоа не е воопшто лесно. Заклучно со последните три, вкупно ќе бидат реализирани 10 концерти, што е горе – долу максимумот што може да се одржат во Австралија, бидејќи генерално и на тие места се концентрирани Македонците. Во оваа турнеја само нема да биде посетен градот Перт, бидејќи одлучивме да за прв пат го опфатиме Аделаид, како град кој досега јас го немав посетено, а се покажа како многу успешен концерт, со многу позитивна публика – вели Јордан.

Раскажува дека на настанот гледа како на добро завршена работа, каде со Благица на најдобар начин ја пренеле својата енергија.

-Оваа турнеја вкупно траеше месец и половина и истата ќе биде запаметена како една успешно завршена работа,одлични концерти, одлична енергија, и подотворена врата за некој следен пат – порача музичарот.

В.К.

Поврзани новости