Лице чиј идентитет се уште се утврдува, со истрел од пушка убил куче, домашен миленик на Г.Н. од велешко Карабуниште.
Сопственикот на кучето го пријавил настанот во полиција, а од СВР Велес за ,,Фокус” велат дека истрагата е во тек, со цел да се утврди идентитетот на лицето кое го убило кучето.
-На 27.12.2023 во СВР Велес, Г.Н. од село Карабуниште, велешко, пријавил дека околу 12.00 часот во атарот на селото едно лице со истрел од пушка го усмртил неговото куче – домашен миленик. Се преземаат мерки за расчистување на случајот-информираат од СВР Велес.
И покрај предвидените строги казни за убивање и измачување на животни, во земјава не запираат овие грозоморни настани. Неколкупати месечно се пријавуваат масовни труења на кучиња со забранетиот и разорен отров – ланате, а изминатиот месец беа регистрирани и повеќе случаи на пукање и ранување на куче со огнено оружје.
За предизвикување на општа опасност е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години, а пак за мачење на животни и суров третман, предвидена е парична казна или затвор до шест месеци.
Според активистите за заштита на животните, овие појави константно се случуваат, поради несериозниот пристап на институциите. Како пример го наведуваат случајот од населбата Глишиќ, Кавадарци, кога беше фатен ланате трујач, кој расфлил отров во двор и ја загрозил јавната безбедност, а од отровот во агонија почина маалско куче.
За делото тој доби условна казна и глоба од 300 евра.
Настанот се случи на почетокот на ноември, а по објавувањето на судската одлука, кавадаречки здруженија реагираа дека ќе поднесат жалба, бидејќи не се задоволни од пресудата.
-Ваквите пресуди само повеќе им даваат поттик на трујачите и останатите убијци на кучиња, да продолжат со своите недела, кои ја загрозуваат и јавната безбедност. Стотици животни годишно умираат во најголеми маки, и само прашање на време е кога и човек ќе настрада од раката на убијците на животните – реагираа тогаш од здруженијата.
Вики Клинчарова